





Невидена трагедија се случила во Грција на Нова година, телото на 11-месечно девојче е пронајдено вчера на браната на реката Алијакмонас кај Верија во северниот дел на земјата.




Полицијата ја уапсила 29-годишната мајка на бебето, која не сакала да признае дека на новогодишната ноќ го фрлила детето во ледената вода на реката.




Заедно со бебето, мајката ја напуштила семејната куќа во селото Александрија, во областа Иматија, каде што живеела со родителите. Наводно, на семејството му кажала дека новогодишната ноќ ја помине со пријателите.




Семејството ја алармирало полицијата која веднаш покренала истрага за да се утврди што точно се случило.




Полицијата ја испрашала мајката, која најпрвин ѝ кажала на полицијата дека го оставила бебето во напуштена куќа во Верија. Сепак, властите таму не можеле да најдат никакви траги.




Полицијата извршила притисок врз мајката и таа на крајот ги отфрлила своите тврдења, велејќи дека го фрлила бебето во браната Алијакмонас доцна на новогодишната ноќ.




По претресот на теренот, полицијата го лоцирала бебето и телото го извлекле од реката.




Телото било пренесено во болницата во Верија, каде лекарите можеле само да ја констатираат смртта на детето.




Како што пренесува локалниот медиум veriotis.gr, лекарите кои го прегледале телото констатирале дека има каснувања од животни.




Наредена е обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.
Забележано е дека жената немала автомобил и дека сите правци ги минала со јавен превоз, пеш или дури и со такси.
Според локалните медиуми, мајката страдала од психички проблеми и во минатото неколку пати била хоспитализирана во психијатриски клиники.
Бебето било родено вонбрачно во јануари 2022 година.
Таткото за медиумите изјавил дека се обидувал официјално да ја венча, но имало приговори од мајката и нејзиното семејство. Тој тврдел дека не знаел дека „мајката на неговото дете“ – како што тој ја нарекувал – имала психички проблеми додека биле заедно. Полицијата го известила за смртта на неговата ќерка.
Неофицијалните резултати од обдукцијата наводно покажуваат дека бебето починало од задушување, а мајката и понатаму го негира делото, обидувајќи се да се оправда дека детето не го фрлила во реката, туку ѝ испаднало од раце.
„Не го убив детето, многу мрдаше додека го држев во раце и падна во водата. Не можев да скокнам во водата за да го извлечам. Ме обвинуваат за работи што сум ги направила. Јас многу ја сакав ќерка ми“, изјавила таа во полиција.
Истиот став се очекува да го задржи и утре наутро кога ќе се појави пред истражен судија. Следниот ден би бил роденден на бебето и девојчето би наполнило една година, објавија грчките медиуми.