





Целта е постигната, советникот Аки Акиов веќе е хоспитализиран во Болницата во Кочани поради претрпениот мобинг, обвинуваат од Партијата за демократски просперитет на Ромите, објави М-нет телевизија.




Според нив, поради нанесената психичка и физичка болка, здравствена состојба на Акиов е сериозно влошена и некој мора да поднесе одговорност за тоа.




„Мобингот е специјален начин на вршење притисок врз вработените, така што во овој случај постои вертикален мобинг од градоначалникот и директорот на ЈКП „Водовод“ врз Аки Акиов.




Целта на мобингот е веќе постигната, тој се наоѓа во исклучително тешка здравствена состојба. Хоспитализиран е во ЈЗУ Општа болница Кочани, каде што прима терапија.




При вршењето на мобингот се запазени сите фази, така што денеска тој се судрува со опасност по животот“, истакна Аксел Ахмедовски, претседател на ПДПР.




За ситуацијата се известени повеќето институции, а пријава ќе се поднесе и до Републичкиот инспекторат, како и до трудов инспектор во Кочани. Правна помош се бара и од адвокати, а очекуваат по допрен глас да постапи и Јавното обвинителство.




Сите здруженија и фондации ќе се борат за правата на членовите на ПДПР, а најавуваат и кривични пријави до градоначалникот и претходниот и сегашниот директор на јавното комунално претпријатие.




„Кога сме кај здравствената состојба на советникот Аки Акиов, напоменуваме дека поради претрпената физичка и психичка болка којашто е сѐ уште во тек, а е и посилна, во контакт сме со адвокати. Ќе поднесеме кривични пријави“, додава Ахмедовски.




Според Партијата, Аки Акиов предходно без образложение беше тргнат од функцијата која ја извршуваше во КЈП „Водовод“, но од таму велеа дека не е раководител на претпријатието заради неквалитетно извршување на работните обврски.




За време на седниците на Советот, пак, Акиов бил доследен на видувањата на партијата, а притисоци добивал заради неприфаќање на одлуки кои, според партијата, се штетни за кочанчани.




Извор: М-нет телевизија