Фејсбук пост на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Трифун Костовски:




„Почитувани читатели, како бивш градоначалник на Град Скопје си земав за право да напишам неколку зборови за случувањата во Град Скопје, а уште повеќе за штрајкот кој денес отпочна во ЈСП поради неисплатени месечни лични доходи на вработените.




Токму во мојот мандат во 2005 година децентрализацијата во Македонија го отпочна својот процес во кој се дефинираа основните обврски на локалната и централната власт.




Како основна обврска на локалната власт е да ги финансира образованието во основните и средни училишта, со дотации кои стигнуваат од страна на централната власт, додека трошоците на јавните претпријатија кои се под општините, вклучително со администрацијата и противпожарната бригада, се обврска на самата општина.




Сведоци сме на една немила состојба во Град Скопје, каде се растури коалицијата меѓу актуелниот градоначалник и партијата ВМРО-ДПМНЕ.




Ваквите меѓусебни обвинувања меѓу довчерашните партнери не е во интерес на самите актери на овој чин, ниту за граѓаните на Град Скопје. Цената за ваквото разидување ја плаќаат вработените во јавните претпријатија како што е случајот со ЈСП.




Во услови на ценовна, социјална и енергетска криза која што веќе на големо е влезена во нашето секојдневие се појави првиот штрајк од страна на ЈСП и денес прв ден во историјата на Скопје автобусите останаа во депоата на ЈСП. Причина е неисплатениот личен доход во ова јавно претпријатие.




Што недостасува во даденава состојба за да се надминат овие проблеми? Недостасува дијалог, недостасува разумен дијалог, бидејќи вработените во овие јавни претпријатија живеат исклучиво од личниот доход кој го добиваат од овие јавни претпријатија.




Јавните претпријатија на Град Скопје се рацете и нозете на секој градоначалник со цел да се обезбеди достоинствен, чист и функционален систем на живеење во нашата средина.




Недостасува дијалог меѓу довчерашните партнери, а тоа е госпоѓа Арсовска од една страна и ВМРО-ДПМНЕ, недостасува дијалог меѓу госпоѓа Арсовска и јавните претпријатија, посебно со синдикатите на овие јавни претпријатија, чие постоење е со закон регулирано да ги штити правата на вработените.




Ќе го пренесам своето лично искуство кое сум убеден ќе и помогне многу на госпоѓата Арсовска. Правило број 1 кој мора да го применува е редовна исплата на личните доходи на сите со закон утврдени обврски на градот, а тоа се: градската администрација, јавните претпријатија, противпожарната бригада и на образовниот кадар во средните училишта.
За последнава група (образованието) добива дотации од централната власт, меѓутоа независно дали тие дотации ќе стигнат на време или не, таа мора да им ги исплати личните доходи.
Дијалогот меѓу синдикатите на јавните претпријатија и госпоѓата Арсовска мора да биде врв за функционалност на Градот Скопје.
Не навлегувам во финансиската состојба на градот, меѓутоа има нешта кои се приоритет. Не може да очекуваме јавните претпријатија чиј број на вработени е повеќе илјади вработени да испорачаат услуги на граѓаните на Град Скопје, а без притоа да бидат редовно исплатени.
Во мојот мандат подигнувајќи ја комуникацијата меѓу синдикатите и јас, како градоначалник дојдовме до ниво да формираме централен синдикат на сите јавни претпријатија. Жалам бидејќи јавните претпријатија и синдикатите во нив ги чувствувам како мои деца и денес при каков било проблем ми се обраќаат со зборот татко.
Данела треба да биде мајка и татко на градот. Наместо кривични пријави, упатувам апел до госпоѓата Арсовска да ги покани сите синдикати на јавните претпријатија на разговор и да им ја предочи конкретната состојба каде сум убеден дека и синдикатите ќе покажат разбирање.
Мене многу ми значи чувството на респект кој денес го имам од вработените на јавните претпријатија на Град Скопје, градската администрација,
противпожарната бригада и целиот едукативен персонал од средните училишта. Се однесував татковски и од срце им благодарам што денес ме викаат „татко“.“