Се огласи Јоци: Да не се лажеме, и во Екс ЈУ имаше „булинг“, не само врсничко насилство, туку и она посериозно – „наставничкото“

Фејсбук статус на Јорданка Ивановска – Јоци:

Тоа ,,булинг” во екс Југославија, за нас кои тогаш растевме, баш и немаше некоја прецизна дефиниција како термин за ,,малтретирање”.

Но, секако, исто како и денеска беше секојдневие од – градинка до факултет. Па, кој преживее, преживее – работава.

Ете, јас го преживеав цел ,,булинг” од градинка до факс, од негувателки, наставнички до професори. Не од ученици.

Да не се лажеме, тогашните психолози беа идентични бирократи како денешниве по школи, кои ништо не работеа, ги шетаа само добрите фризури.

Конкретно јас, во основно во ,,Песталоци”, кое важеше тогаш за престижно школо, жената-психолог ја паметам само дека нешто ме прашуваше пред да ме примат во 1 одд , и потоа 8 години повеќе не ја видов, ниту пак чув за неа.

Ме малтретираше една Горде во градинка ,,Беко” и не само мене (се сеќава некој на неа?), не ни даваше да мочаме кога сакаме во вц и моравме да мочаме во гаќи, не издржувавме. И кога ќе нé земеа родителите, бевме измочани, не по наша вина. И се чудеа. Понижени, мокри, плачливи.

Во основно, една Марија по македонски која ми рече никогаш нема да научам да пишувам, во средно Рилкова и тоа две години, со вреѓање, со сé, па Карчовски математика, исто со вреѓање со сé и со праќање по бурек како негов начин на понижување, a на факс – една асистентка ме тормозеше кратко.

Сите нив, ги средуваа моите.

Тоа беа многу несреќни луѓенца кои се изживуваа врз понемоќни од нив.

Да, да…екс ЈУ беше пострашна од сега, тогаш наставничкиот авторитет беше поголем и тешко се побиваше.

Сé кажував по дома, понекогаш дури им беше неверојатно и шокантно за верување и мислеа измислувам.

Не велам дека ваквите монструмчиња во образовниот систем не оставиле последици кај секој од нас, генерации и генерации оштетени клинци, но сепак – никогаш, никој не помисли да ликвидира некого физички.

Едноставно, се учеше секој да ,,плива”.

Да, може да се зборува за ,,булинзи”, но не сега, кога има масовни убивања – не смее тоа да е оправдување. И не е само ,,врсничко насилство”, туку и она посериозното – ,,наставничкото”.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде