Позитивни сигнали: Еве кога се очекува намалување на цената на лебот

Според државната статистика, лебот и житата поскапеле за 47,7% ако се споредат цените во септември годинава со истиот месец лани. Ама впечатокот во маркетите е дека таа е уште повисока.

Па така, во просек векна од најевтиниот бел леб кој тежи меѓу 400 и 500 грама во големите маркети се продава за 50 денари. Истиот леб лани беше двојно поевтин.

Ако во лебот има додадено некои семенки, или малку интегрално брашно, тогаш цената е значително повисока, меѓу 65 и 100 денари.

Некои лебови имаат и „баснословни“ цени, како на пример макробиотски леб од 270 грама, кој го купивме од пекара во центарот на Скопје и чинеше 140 денари.

Најевтин бел леб пак успеавме да најдеме во пекара во скопската населба Ченто, по 35 денари за векна од околу 400 грама, но како што забележуваат локалците, тој леб и најбрзо се троши.

Првиот човек на Здружението на мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора Горан Малишиќ вели дека по Нова година може да се очекуваат пониски цени на брашното и лебот.

– Ако владата овозможи мелниците и пекарската индустрија да добијат струја по цена од 80 до 100 евра за мегаватчас, за што веќе неколку недели преговараме,

тогаш сигурно во декември цените на брашното и лебот ќе се стабилизираат, а веќе од следната година може да се очекува нивно намалување за 10 отсто.

Се разбира ова важи, ако во меѓувреме репроматеријалите не поскапат. Засега кај репроматеријалите нема промени на цените.

Сепак, дали ќе биде намалувањето на цените 10 или повеќе отсто одлучуваат компаниите зависно од своите трошоци и финансиските можности и од цената на струјата која ќе биде фиксирана од владата – вели Малишиќ.

Тој додава дека оваа помош на владата ќе овозможи да проработи мелничката индустрија која поради високите цени на струјата мораше да го запре производството.

– Моментално работат само мелниците кои произведуваат брашно за сопствени потреби. Останатите 70 отсто од мелниците во земјава се затворени поради високите сметки за струја.

На пазарот го продаваме само брашното од резерви, а во маркетите го има и она од увоз, но очекувам по мерката да проработат мелниците – вели тој.

Од останатиот прехранбен сектор се воздржани во најавите за поевтинување на нивните производи, ако од 1 декември добијат поевтина струја, како што најави Бектеши.

Регулаторната комисија за енергетика при последното поскапување на струјата, за малите потрошувачи утврди цена од 13,8 денари за киловат во висока тарифа и 10,1 денар за ниска.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде