Историски чин во високото образование. Значително повисоки плати за вработените на УКИМ почнувајќи од 2024

Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Собранието потпишаа колективен договор врз основа кој ќе може да се зголемат платите на вработените. Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ извести дека ова е историски чин бидејќи ваков договор првпат се потпишува во историјата на нашата држава.

Во 2024 година платата на редовен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) ќе се покачи за 49 проценти во однос на 2022 година. Една година потоа, во 2025., за 75 проценти во однос на 2022 година.

 Со него се уредуваат поблиску правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои произлегуваат од работниот однос, обемот и начинот на остварување на правата, обврските и другите прашања од интерес на работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

До овој чин дојде како резултат на повеќе од двегодишна борба и заложби на Синдикатот за подобрување на материјалната состојба на наставниот и ненаставниот кадар на најстариот универзитет  во земјава.

Односно, се прифатија заложбите врз основа на кои во 2024 и 2025 година ќе дојде до значително покачување на платите на вработените во Универзитетот со што ќе се придонесе за поквалитетен развој на науката и на високото образование, сѐ во интерес на студентите и државата.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во својство на овластено лице од основачот на Универзитетот, и претседателот на Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ, проф. д-р Ангел Ристов, го потпишаа колективниот договор. Целиот овој процес беше помогнат од тимот на преговарачи Илија Манасиев од Правен факултет и Маријан Јованов од Филозофски факултет, како и медијаторите.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде