





Цената на електричната енергија кај домаќинствата за прв блок од 1 јануари се намалува за 4,11 проценти, за втор блок за 2,95 проценти,




а се зголемува за третиот за 0,85 проценти и за четвртиот за 7,65 проценти. Намалување за 20,15 проценти има кај цената на струјата околу 70.000 микро и мали компании на регулираниот пазар.




Во новата цена на струјата, што денеска ја објави Регулаторната комисија за енергетика, од 1 јануари ќе биде вклучено и зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 проценти.




-За да не се почувствува ефектот од зголемувањето на ДДВ ги намаливме цените во првиот и вториот блок. Зголемувањето на ДДВ-то во апсолутен износ е 4,72 проценти.




И претходно кажувавме дека ќе бидеме креативни при носењето на нашите одлуки за да може најголем дел од домаќинствата ова зголемување на ДДВ да не го осетат и




тоа го направивме со намалувањето на цена на електрична енергија во прв и во втор блок, рече на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.




Образложувајќи за новата одлука на РКЕ, тој посчи дека домашното производство на електрична енергија е зголемено 26 проценти, кое дава добра основа да се донесат одлуки за цени коишто ќе бидат пред се во интерес на компаниите и на домаќинствата.




Кога ги носевме овие одлуки ги земавме во предвид сигурноста и снабдувањето со електрична енергија, заштитата на животната средина,




заштитата на животниот стандард на граѓаните и сигналот којшто го испратија потрошувачите и особено домаќинствата коишто е факт е дека во изминатиот период значително штедеа, наведе претседателот на РКЕ.




Според него, 99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија и ним им се компензира зголемувањето на ДДВ-то.



